Дуално образование на повидок: Јаневска најавува воведување германски модел на факултетите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со група од 60-тина студенти и професори од кампусот на Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг во Манхајм, кои се во студиска посета на Македонија, а домаќин е Машинскиот факултет во Скопје. На средбата, како што соопшти МОН, биле разменети искуства околу примената и ефикасноста на концептот на дуално образование.
Јаневска посочила дека Македонија го воведе овој концепт во средните стручни училишта, постојано го надградува и промовира и дека голема поддршка добива од германски компании, кои со задоволство прифатија да бидат партнери на училиштата во практичното едуцирање на учениците.
-Во следниот период, ќе се заложиме за воведување на моделот на дуално образование на високообразовните установи. Така што, искуството на овој германски универзитет ќе ни биде од исклучително голема важност. Очекувам и повторно да добиеме поддршка од германски компании, за полесно да успееме во остварувањето на целта, истакнала Јаневска.
Од Машинскиот факултет во Скопје информираат дека веќе иницирале отворање на една дуална паралелка според германскиот модел, кој претставува тригодишни студии со задолжителна пракса во траење од три семестри и исто толку семестри теоретска настава. Се размислува и за развивање на заедничка, интердисциплинарна програма со Државниот дуален универзитет Баден Виртембер, која ќе комбинира академско знаење и практична обука, со можност за студентска размена, заеднички менторирани проекти, како и создавање на програма од постдипломски студии или кратка специјализирана програма од заемен интерес.
Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг е водечка германска институција за дуално образование која има девет кампуси што комбинираат обука на работно место и академски студии, постигнувајќи блиска интеграција на теоријата и практиката. Универзитетот е основан во 1974 година и во моментов има над 35.000 студенти. Кампусот во Манхајм е втор по големина, со 6000 студенти на повеќе од 45 студиски програми и 2000 компании партнери во образовниот процес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа