ДКСК потврди: Трошела службени пари за приватни цели
Користела службени пари за приватни цели на службено патување во Велика Британија. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди неправилности во работењето на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Сточевска во предметот кој го отвори по допрен глас во август годинава. Антикорупциска ќе иницира и постапка против неа до надлежните органи.
Членот на Антикорупциската комисија, Зоран Богоески, презентирајќи го предметот за патувањето на Костадиновска-Стојчевска од 24 до 27 октомври минатата година рече дека се потврдени наводите оти тогашната министерка потрошила буџетски средства за приватни цели.
-По повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу С Македонија и Обединетото Кралство, министерката за култура во период од 24 до 27 октомври 2023 година била во билатерална посета на Обединетото Кралство. За патувањето во странство било донесено решение согласно кое трошоците се на Министерството за кулутра во износ од 1 300 британски фунти, од кои 292 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација, рече членот на ДКСК, Зоран Богоевски, на денешната седница на Комисијата.
Дополнително, како што посочи, со службената картичка на Министерството за култура биле покриени и трошоци во износ од 528 британски фунти, кои ДКСК не може да ги квалификува како трошоци за службени цели.
Антикорупциската комисија отвори предмет за случајот во август годинава откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ во јавноста изнесе низа обвинувања оти ексминистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ трошела буџетски средства за приватни цели на службени патувања.
По ваквите обвинувања, Костадиновска-Стојчевска рече дека вистината е оти дел од трошоците што биле презентирани од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службеното патување на кое рече оти авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот.
Ексминистерката тогаш рече дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа