Деспотовски: Нови 800 работни места во ТИРЗ за само 6 месеци и постигнати договори за инвестиции од 280 милиони евра
Над 17.000 вработени во Зоните, постигнати договори за инвестиции од над 280 милиони евра меѓу кои и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата од 205 милиони евра со тајванскиот електро-гигант Јагео се клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава.
„Ја надминавме бројката од 17.000 вработени во Зоните. Имаме над 800 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се должи пред се на засилената динамика на вработување, односно на ангажирање на луѓе кои што се реализираат заради новите договори кои што се потпишани во изминатите години. Очекувам ваквиот тренд да продолжи и до крајот на годинава“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на денешната презентација на резултатите од работењето на Дирекцијата во првите 6 месеци од 2023. Анализата на ТИРЗ покажува дека бројот на вработени во првото полугодие оваа година во компаниите е поголем за пет отсто, додека споредено со јуни минатата година е регистриран пораст од 14%.
Деспотовски нагласи дека продолжува и стабилниот раст на извозот.
„Податоците се охрабрувачки и тие ги поткрепуваат нашите очекувања дека растот ќе продолжи. Извозот во првите шест месеци достигна близу 2 милијарди евра што претставува пораст од 12% во однос на истиот период лани. Моите очекувања се дека оваа година ќе стигнеме близу 4 милијарди евра извоз заради тоа што дел од капацитетите со кои минатата година потпишавме договори ќе започнат со производство и извозот ќе го задржи стабилниот тренд на пораст,“ посочи Деспотовски.
Анализата покажува пак благ пад на увозот од три проценти што пак влијае на пораст на нето извозот. Заклучно со јуни годинава нето извозот е 24%, што е највисоко ниво досега.
„Заради овие бројки и заради зголемениот раст на работни места, уплатите од компаниите од ТИРЗ само на име на придонеси се над 25 милиони евра. Доколку продолжи ваквиот тренд, очекувам до крајот на годинава компаниите по основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка да биде околу 100 милиони евра, што доста го надминува она што го исплаќа државата,“ посочи Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ додаде дека од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.
Деспотовски очекува и забрзување на неопходните реформи, односно усвојување на законските измени за ТИРЗ и Индустриски зони, како и институционалната реформа, односно интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во ТИРЗ, со што и реално ќе се создаде една точка за инвеститори.
ТИРЗ почнува и кампања за промоција на европски работни места дома, која е посебно насочена кон младите.
„Целта е да поттикнеме поголем интерес за работните места што се отвораат во зоните преку споделување позитивни примери на луѓе кои веќе работат. Да ја приближиме приказната дека сето она што го добиваат како плата, работни услови и слично во западните земји, дека може да го добијат и дома. Ова е еден придонес во рамки на идните напори на Владата, ако не да го спречи, барем да го ублажи трендот на иселување,“ нагласи Деспотовски.
Во однос на актуелната политичка ситуација и влијанието врз инвеститорите Деспотовски посочи дека „не треба да бидеме заложници на политичките процеси во државата. Чекаме и се надеваме дека уставните измени успешно ќе се реализираат. Земјава во очите посебно на странските големи инвеститори, е стабилна и безбедна држава, што е многу важно. Имајќи го предвид тоа, да се обидеме заеднички тој впечаток да го зајакнеме, порача Деспотовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа