Четвртата жртва од сообраќајната несреќа кај Рашче има 56 години - телото предадено на обдукција

 


Полицајци и војници го пронајдоа и го извлекоа од Вардар телото на 56-годишниот маж, петтиот патник во возилото кое вчера се лизна од патот и заврши во реката. Од пет патници во автомобилот, преживеа само четиригодишното дете кое излетало од возилото, а според МВР, минувачи го забележале и со тешки повреди било пренесено в болница. Телата на три жени, од кои едната го возела автомобилот, беа извлечени вчера.

Обвинителството издаде наредба за обдукција на телото и на последниот извлечен патник.

„Откако од водите на Вардар беше извлечено уште едно тело на починато лице, патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините“, извести Обвинителството.

По мажот од автомобилот се трага од синоќа откога беа извлечени телата на трите жени. Во потрагата беа вклучени и дронови.

Несреќата се случи вчера околу 16 часот, кога автомобил „ауди“ со петмина патници се лизна од локалниот пат кон селото Рашче и падна во Вардар.

03.01.2025 - 16:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега