Се кројат лозјата во Тиквешко

 

Се кројат лозјата во Тиквешко, лозарите кројат и пред верскиот празник „Свети Трифун“, што е во февруари месец и се смета за заштитник на производителите на грозје, со резидба порано започнаа оние кои имаат поголеми плантажи со винови лози, па не можат да чекаат, оти ако чекаат, нема навреме да ја завршат оваа операција. Ова денеска го изјави за МИА, Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“.

- Мораме да ги кроиме лозјата, не можеме да го чекаме верскиот празник, кога на симболичен начин, традиционално, се стартува со оваа операција со што започнува новата лозарска сезона. Не можеме да чекаме поради тоа што имаме големи површини под лозов насад, па ако го чекаме празникот за да сториме сефте во лозјата, нема да стигнеме навреме да ги завршиме сите работи поврзани со резидбата на лозовите прачки, појасни Јошев.

Притоа, додаде дека голем дел од лозјата во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот, се искроени во изминатиот период, се кроело и денеска, се искористиле поволните временски услови.

- За „Бадник“ и божиќните празници ќе паузираме, па повторно ќе продолжиме со оваа операција што ја најавува новата гроздоберска сезона, рече тој.

Јошев истакна дека ќе го слават  „Свети Трифун“, но, дотогаш ќе го искористат времето за да ги поднамалат работите во нивните ниви. Тој додаде дека оние помалите производители на грозје, сепак ќе го почекаат празникот и до крај ќе ја испочитуваат традицијата во највинската област на државата.

- Лозаропроизводителите кои имаат поголеми парцели со винови лози мораат да побрзаат со кроењето и поради една друга причина, што станува сѐ поактуелна во регионот. Имено, голем број од аргатите кои во минатото можеа да бидат ангажирани околу резидбата и изнесувањето на искроените лозови прачки од лозјата, се вработија во германската фабрика во Кавадарци и тешко може да се дојде и до слободна аргатска рака. Се менуваат работите на пазарот на трудот во Тиквешко, па сега или не можете да најдете добар аргат, или се соочувате со зголемени цени за услугите за аргатска работа, коментираат производители на грозје. 

05.01.2025 - 14:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега