Чеченија ќе ја забрани музиката што е пребрза или премногу бавна

Властите во руската република Чеченија објавија забрана за музика што ја сметаат за пребрза или премногу бавна. Во петокот, министерот за култура Муса Дадаев објави одлука за ограничување на сите музички, вокални и кореографски композиции на темпо од 80 до 116 отчукувања во минута, објави руската државна новинска агенција ТАСС.

„Ја објавив конечната одлука, договорена со лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, дека отсега сите музички, вокални и кореографски дела мора да одговараат на темпото од 80 до 116 отчукувања во минута“, рече Дадаев, а пренесува Си-Ен-Ен.

„Според директивата на Кадиров, сега чеченските музички и танцови изведби ќе бидат усогласени со чеченскиот менталитет и музичкиот ритам. Целта е да се претстави културното наследство на чеченскиот народ пред народот и иднината на нашите деца“, додаде тој.

Кога оваа одлука ќе стапи на сила, многу песни кои припаѓаат на помодерни жанрови, како поп и техно, ќе бидат забранети во Чеченија. Чеченија се наоѓа во регионот на Северен Кавказ помеѓу Каспиското и Црното Море. Тоа е речиси целосно муслиманска република.

Од 2007 година на чело е Кадиров. На почетокот на 2017 година, експертите за човекови права на Обединетите нации изразија загриженост поради извештаите за убиства и притворања на геј мажи во Чеченија.

Во 2019 година се случи уште еден бран на прогон на ЛГБТ луѓето, кога активистите тврдеа дека властите притвориле десетици мажи и жени и дека најмалку двајца од нив починале во притвор. Кадиров одговори дека во неговата република нема хомосексуалци, а доколку ги има, тие треба да бидат отстранети од таа област.

08.04.2024 - 18:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега