Бојмацалиев: Со реформи и дигитална опрема успеавме да имаме повеќе пријавени давачи отколку примачи на мито
Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев се обрати на јавна дебата на покана од Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, на тема „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на ГП и граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција”, во организација на Националниот координативен центар со логистичка поддршка на Владата на Република Северна Македонија.
„Наша примарна должност е да ги овозможиме сите елементарни услови за работа, да воведуваме норми и стандарди за неспорно легалистичко постапување. Притоа, да ја реафирмираме улогата и позицијата на полицискиот службеник, како во системот на МВР така и во очите на граѓаните како вистински сервис”, истакна Бојмацалиев. Притоа, тој се осврна на реформите и напредокот на МВР во борбата против корупцијата преку дигитализирани процеси на полициското работење и воведување дигитална опрема.
„Најважно беше да создадеме мотивирана и задоволна полиција која нема да се впушта во коруптивни дејствија. За таа цел ја покачивме платата за 35%, вложивме 17 милиони евра во подобри услови во полициските станици низ државата, вложивме 14 милиони евра во униформи и опрема. Секоја година усвојуваме Антикорупциска програма со систем на мерки кои ќе овозможат справување со корупцијата и идентификување на причините, условите и факторите што ја овозможуваат. По препораките од ГРЕКО, МВР ја измени својата норматива (Законот за внатрешни работи) преку воведување на посебен Тест на интегритет за сите вработени и забрана за членување во политичка партија. Покрај Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионали стандарди, создадовме и надворешен механизам на контрола на полицијата, во рамките на Народниот правобранител, посебно одделение Полициски омбудсман. Паралелно во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се формираше посебно одделение кое исклучиво ги процесуира предметите кои се однесуваат на полициските службеници кои ја злоупотребилe својата позиција”, рече Бојмацалиев, надополнувајќи со тоа каква дигитална опрема е ставена во функција на борбата против корупцијата.
„Тука би ги споменал и набавките на дигитални радари, на радари за ноќно снимање кои за првпат се набавија во државата, набавката на дигиталните дрегери за алкотестирање, кои се вмрежени во еден софтвер и од којшто не може да ги избришат податоците. Од држава со 7 дрегери и 10 радари, денес имаме 144 дрегери и 128 радари, најсовремени во регионот. Тука се 10-те специјални возила за надзор вредни 3 милиони евра низ регионалните центри за гранични работи низ државата. Тука се и боди камерите за граничната полиција, донација од нашите стратешки партнери САД, кои се покажаа како исклучителна алатка во овој процес на неселективност при постапувањето. Успеавме да имаме повеќе пријавени давачи отколку примачи на мито”, рече Бојмацалиев на крајот од своето обраќање, упатувајќи честитки до Националниот координатор за јавните дебати во насока на унапредување на граничната безбедност и уште поефикасна борба против корупцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа