Бојковски: Граѓаните ја имаат главната улога во локалната самоуправа, преку советниците учествуваат во носењето одлуки во општините
Во локалната самоуправа, граѓаните ја имаат главната улога, затоа што непосредно на локалните избори учествуваат во гласање на тие кандидати за советници и градоначалници кои понатаму ќе бидат нивниот глас и нивниот носител на програмите кои го подобруваат нивното секојдневно живеење, вели Тони Бојковски, советник во Советот на Град Скопје на денешната панел-дискусија во рамките на настанот Саем-Отчет, насловена како „Граѓаните главни во носењето на одлуките во општините“.
Посочи дека советниците имаат голема улога како локален парламент во самите општини на ниво на цела Република Македонија или во Градот Скопје и тие се врската на граѓаните со локалната самоуправа затоа што во текот на сите четири години тие се активни со граѓаните, се организираат месни и урбани заедници каде директно ги пренесуваат проблемите.
„Советникот мора да биде со граѓаните, затоа што е должност негова, затоа што партискиот дел завршува тогаш кога ќе стане советник и понатаму, тој е советник на сите граѓани. Имаме доста примери каде што имаме успешни советници, затоа што точно биле цело време со локалната самоуправа, односно со граѓаните. Тие ги организираат месните и урбаните заедници за многу работи како што се и културни случувања, како што се делови на урбанизмот, каде што има планирање, а каде што има и планирање на буџет“, рече Бојковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа