Блокада во Тркање: Асфалтот е пропаднат - државата да ни помогне
Со земјоделска механизација и автомобили жителите на Тркање попладнево ја блокираа улицата „Мите Стојчев“ што поминува низ селото, а по која поминуваат голем број тешки товарни возила, автобуси и други превозни средства кон индустриската зона во Кочани.
Учесниците на протестот истакнаа дека поради интензивниот сообраќај се загрижени за личната и безбедноста на најмладите во семејствата, а коловозот е сериозно оштетен и не можат да го користат за своите секојдневни потреби.
-Оваа улица не е предвидена за толкав број возила, а посебно што секојдневно поминуваат автобуси за вработените, миксери за бетон, тешки камиони со повеќе од 40 тони. Асфалтот целосно е пропаднат, а ѕидовите на куќите во близина веќе се напукнати. Бараме од Општината, од државата или од странски донации да помогнат и да се направи генерална реконструкција. Исто така, да се постават сообраќајни знаци за предвидената носивост и успорувачи на брзината на возилата, а тоа да биде што побрзо, истакна Љупчо Стоименов, жител на Тркање.
Претставници од општинскиот Сектор за урбанизам, од сообраќајната инспекција и в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски се сретнаа со жителите на Тркање и ги информираа дека во тек е постапка за реконструкција на улицата, а ќе се гради и ново сообраќајно решение од друг правец, што ќе се користи за потребите на индустриската зона и за компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.
-Ова село е запоставувано со години и го поддржувам правото на протест на жителите. За неполн месец, колку што сум на функцијата, имавме состанок со претставници од селото и беа донесени заклучоци, во најбрз можен рок квалитетно да се реконструира оваа улица и да се обезбеди нов пристап за возилата за компаниите. Се работи за сериозна инвестиција, за тоа е потребно и време, а во план се и други проекти за ова село кое е во нашите приоритети, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.
Од компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, која ја користи улицата за пристап и превоз на вработените, истакнаа дека имаат разбирање за барањата на жителите на Тркање и им даваат поддршка за решавање на проблемот.
-Ние сме на иста страна со нив и надлежните институции треба да си ја завршат работата што веќе три-четири години тапка во место. При изградбата на експресниот пат Кочани - Штип ние реагиравме, но нашето барање не беше прифатено и пропуштена е можноста да се изгради надвозник. Има проект што предвидува како да се реши, но засега стои само на хартија. Ова е аларм да се забрзаат работите, што можат за неколку месеци да се решат, за да превенираме ризици од тешки сообраќајни несреќи, да се скрати патувањето на нашите вработени, а и на жителите на ова село ќе им се олесни живеењето, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Макеоднија“.
Стручните служби во Општина Кочани информираа дека веќе е почната постапка за експропријација и изградба на нов сообраќаен пристап, со што ќе се избегне влегувањето на тешки возила во селото. Реконструкцијата на улицата „Мите Стојчев“ треба да се заврши во рок од неколку месеци, а според предвидувањата новата сообраќајница за индустриската зона би требало да биде ставена во функција во почетокот на идната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа