Ангеловска-Бежоска: Догодина постепено забавување на инфлацијата

 

Догодина очекуваме постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу  два процента, вели гуверерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежовска, во новогодишна  белешка, порачувајќи дека  се неопходни структурни реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, како одговорно, стратешки и одржливо делување на носителите на политиките.

Таа потсетува дека годинава го одбележавме јубилејот 30 години монетарна самостојност и посочува дека во услови на бројни кризни епизоди и историски премрежиња во изминативе три декади, одржувањето на монетарниот суверенитет бараше голема посветеност, професионалност  и лидерство од страна на централната банка, но и поддршка од другите општествени чинители.

-Работејќи по принципот acta non verba, чекор по чекор ја градевме оваа институција, вложувајќи во нејзиниот човечки потенцијал, без што ќе беше невозможно да се зачува и да се јакне монетарната стабилност. Ја задржавме стабилноста на денарот, еден од симболите на нашата државност и сидрото на стабилноста на нашата економија. Но, секоја паричка има две лица, а секој период има и добри и лоши страни. Така и оваа 2022 година, за жал, во светската историја ќе биде запомнета како уште една кризна година ‒ година во која започна војна на европска почва, година на енергетска криза, година во која светот забележа една од највисоките стапки на инфлација во изминатите неколку децении. Токму поради тоа и сите централни банки, вклучително и ние, го променивме долгогодишниот курс на монетарната политика и започнавме со циклусот на нејзино затегнување, вели гувернерката на НБ.

Целта на овие промени, укажува, е да го стабилизираме растот на цените, да спречиме намалување на куповната моќ на граѓаните и да обезбедиме предвидливост во носењето на одлуките. Всушност, тоа го правиме успешно во изминатите три децении, период во којшто само во неколку наврати кај нас се забележани повисоки стапки на инфлација. Овие епизоди, како и сегашната,  објаснува гувернерката, во голема мера беа одраз на надворешни шокови коишто влијаеја врз нашата мала, отворена и енергетски зависна економија, но и на структурните слабости на економијата на кои во изминативе декади не им беше обрнато соодветно внимание. Низ годините, Народната банка успешно им одговараше на овие предизвици и со своите мерки и политики доследно се придржуваше кон своите цели – стабилна валута и стабилни цени.

-Будно ја следиме и оваа кризна ситуација и подготвени сме да преземеме натамошни чекори за да ја осигуриме среднорочната ценовна стабилност, којашто е предуслов и за одржлив економски раст и за подобар живот на граѓаните. Догодина очекуваме постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу  два процента, вели Ангеловска Бежоска.

Според неа, годинава нѐ научи дека секогаш треба да мислиме и да делуваме еден чекор понатаму ‒ светот се соочува и допрва ќе се соочува со крупни промени, меѓу другите климатските и енергетските предизвици, но и дигитализацијата.

-Повеќе од очигледно е дека главниот акцент треба да се стави на одржливоста ‒ одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии. Затоа се потребни структурни реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, па оттука сите ние кои сме носители на политики треба да мислиме и да делуваме одговорно, стратешки и одржливо. На сите ви посакувам успешна и многу подобра 2023 година!, наведува во новогодишната честитка гувернерката

31.12.2022 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега