Вработени како обезбедување на Град Скопје: Глигоров ни даде откази, а со нив добивме и кривична пријава
Двајца вработени во Одделението за обезбедување на објекти на Град Скопје тврдат дека добиле отказно решение од секретарот на Градот, Зоран Глигоров, од за нив непозната причина. Тие тврдат дека заедно со отказното решение добиле и кривична пријава, иако, според нив, не сториле никакво кривично дело.
– Имаме пуштено претставка и ние со адвокати ќе одиме понатаму, ќе тужиме, ќе видиме кој каде и дали е во право, изјави Елвис Симоновски, кој добил отказно решение на 10 јануари. Даниел Давитковски, кој пак денеска го добил отказното решение, вели дека во образложението е наведено дека отказот следи поради „дејствие кое има одбележје на кривично дело“.
Од Градот Скопје наведуваат дека станува збор за санкционирање на вработени, кои го кршеле работниот ред и дисциплина и извршиле тешки повреди на работниот процес, определени со закон и подзаконски акти и дека отказот не подразбира мобинг.
– Лицето Елвис Симоновски, на ден 09.01.2023 извршил кривично дело, физички и вербално напаѓајќи го секретарот на Градот Скопје во присуство на повеќе вработени од Градот, за што е уредно пријавен во МВР кое постапува по пријавата. Елвис Симоновски е отстранет од работното место поради тешка повреда на работното место, нарушување на работниот процес, прекршување на актите за работа и законот, посочуваат од Градот Скопје, додавајќи дека не смее и нема да бидат под уцена од криминалци.
Според градските власти, за Симоновски има казнена евиденција и кривично досие и во повеќе наврати е пријавуван за извршени кривични дела, како фалсификување на исправа, затајување и тешка кражба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа