Внукот на Пјер де Гол: Украина ќе престане да постои

 


Украина ja искористија како инструмент за да предизвикаат војна против Русија, изјави Пјер де Гол, внук на генералот Шарл де Гол, основачот и првиот претседател на Петтата република.

„Украина беше искористена на сметка на Украинците, кои своите грешки ги платија со крв – околу милион мртви, убиени и ранети во Украина – само како инструмент за предизвикување војна против Русија“, посочи тој.

Внукот на Де Гол го поздрави односот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака „да се помири и да ги запре убиствата“.

Според него, Украина ќе престане да постои, а продажбата на нејзините природни ресурси ќе придонесе за тоа.

„Зеленски долго време ја распродава својата земја. Веќе е продадено 50 отсто од земјоделското земјиште. Тоа е земја која, за жал, ќе биде поделена. Така нема да ја има повеќе Украина“, изјави Де Гол, пренесуваат светските медиуми.

Тој додаде дека Франција ја изгубила способноста да дејствува како арбитер во решавањето на меѓународните кризи.

Според него, Франција ја изгубила својата политичка автономија кога Франсоа Оланд додека бил претседател гласал за екстратериторијалност на базите на НАТО во земјата.

„Франција ја загуби способноста да дејствува како арбитер во решавањето на меѓународните кризи. Таа повеќе нема своја политика“, рече Де Гол.

Како што наведе, планот на францускиот претседател Емануел Макрон да испрати европски војници во Украина како мировници е голема глупост.

„Испраќањето европски војници во Украина е голема глупост, бидејќи се работи за европски трупи на НАТО, кои доколку се борат под нивното знаме и во униформа, ќе се сметаат за агресија на овие европски земји против Русија“, рече тој.

Според него, концептот на паневропска армија е технократска европска идеја чија цел е да го раствори духот на нацијата.

Медиумите потсетуваат дека Владимир Зеленски на 28 февруари ја напушти Белата куќа порано од планираното по бурната средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

За време на средбата, американскиот претседател побара Зеленски да се согласи на прекин на огнот и да престане да го критикува рускиот претседател Владимир Путин, додека американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс го критикуваше шефот на украинскиот режим дека не покажува почит кон сегашната американска администрација која се обидува да ја спаси Украина, пренесува Спутник. Откажано е потпишувањето на договорот за ретки минерали.

05.03.2025 - 09:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега