ВМРО ДПМНЕ најави: Законот за лични карти пред Уставен?

 

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе претставка пред Уставниот суд за ставање на времена мерка на Законот од 2021-година за патните исправи и пасоши.  Освен во законските измени. Опозицискиот лидер ова го гледа како дополнително решение за секојдневниот хаос кој граѓаните одново го доживуваат секој ден пред пунктовите за вадење и земање на лични документи.

„И втората опција што работи ВМРО-ДПМНЕ на што денеска ќе побарам поддршка од Извршниот и Централниот комитет е да се поднесе претставка пред Уставниот суд како суд кој се гржи за Уставот кој е над сите Закони и да се стави времена мерка на Законот од 2021-ва година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите. Доколку Уставниот суд е експресен како што видовме во минатото тогаш  може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери и во МВР. Обвини дека доцнеле со набавка на обрасци, а како што кажа имале план вината да ја префрлат кон новиот технички министер кој треба да дојде од редовите на опозициската партија.

Упати смирувачки тонови до граѓаните, да не се грижат доколку не успеат да ги променат своите лични карти до 12 февруари, како што налагаат законските обврски. Пензионерите и после овој датум ќе може да си ги подигнуваат своите пензии, вработените своите плати, студентите своите стипендии.

Ама ако сте планирале патување надвор од земјата и Западниот Балкан, а се уште поседувате пасош со назив „Република Македонија“, ќе треба да го одложите.

Владата и Вила Водно пак и денеска си ја префрлаат топката за тоа кој треба да го направи првиот чекор кон законските измени.  Премиерот  денеска кажа дека се уште чека Пендаровски да испреговара со својата грчка колешка за пролонгирање на рокот за издавање на лични документи. А пак од Кабинетот на Пендаровски си стојат на ставот дека ако на Владата и се допаѓа предлогот, да почне со негова реализација.

„Преспанскиот договор е потпишан од министрите за надворешни работи, во име на владите на двете држави и размената на информации во таа смисла треба да се одвива во тие рамки. Со оглед дека Преспанскиот договор е важен и во контекст на нашите преговори со Европската Унија информирањето кон Брисел треба да се одвива и преку Секретаријатот за европски прашања.“, изјавија од Кабинетот на претседателот за Сител.

Шефот на дипломатијата на денешниот брифинг со новинарите кажа дека не се поставува само прашањето дали Грција ќе се согласи, туку и како ние ќе го смениме уставниот закон чиј рок од 5 години истекува на 12 февруари годинава.

11.01.2024 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега