Владиката Тимотеј со порака до Вселенскиот Патријарх: Македонскиот клир и верниците со желба го очекуваат томосот за автокефалност од Вселенската Патријаршија

 

Вчера, на 7 април 2024 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена Литургија по повод Третата недела од Великиот пост, позната како Крстопоклона недела, и празникот Благовештение на Пресвета Богородица, кој се смета за престолен празник на МПЦ-ОА. На чело на службата беше Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а заедно со него служеа високи претставници од Вселенската Патријаршија и Православната црква на Грција, Митрополитот на Имврос и Тенедос Кирил и Митрополитот на Дидимотика Дамаскин. По повод ова заедничко служење на големиот празник, домаќинот Митрополит Тимотеј одржа беседа и се обрати кон гостите со пригоден говор. Обраќајќи се до претставникот од Вселенската Патријаршија митрополитот Кирил, владиката Тимотеј меѓу другото порача до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј дека не само црковниот клир и монаштвото, туку и верниците кај нас силно се залагаат за единство со целиот православен свет и со желба очекуваат добивање на томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија, кој би го официјализирал и признал статусот на Црквата во Македонија во рамките на православниот христијански свет. 

Митрополитот Кирил на крајот на настанот му подари на митрополитот Тимотеј икона од Света Троица и крст.

Митрополитот Кирил од Вселенската Патријаршија и Митрополитот Дамаскин од Црквата на Грција се наоѓаат неколку дена во посета на македонските цркви и манастири. Во петокот и саботата тие се наоѓаа во манастирот Пречиста Кичевска, каде што богослужеа со епископот Анатаниски Партениј.

08.04.2024 - 19:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега