(ВИДЕО) Изгоре Универзална сала: Приведени тројца градежни работници

Само челичната конструкција остана од Универзалната сала по големиот пожар кој изутрината ги вознемири скопјани.

Огнот избил нешто пред 10 часот. На терен веднаш излегла полицијата и две противпожарни возила од Тафталиџе. Но кога го виделе високиот столб од чад кој можеше да се забележи од целиот град, веднаш повикале помош од колегите.

Полицијата направи периметар за да ги одалечи љубопитните граѓани кои ја следеа инвтервенцијата на скопските пожарникари.

Излегоа и пајак службите на Градот и на општина Центар за да ги отстранат сите возила од паркингот до градилиштето, за да можат да се пробијат противпожарните возила.

Пожарникарите повторно имаа проблеми на терен. Мораа да ја кршат оградата за да влезат во градилиштето.

Хидрантската мрежа повторно остана недостапна.

Пожарникарите мораа самите да си носат вода, а помош побараа и од Водовод. Во инвервенцијата не е повреден ниту еден пожарникар.

-Вкупно, интервениравме со 9 противпожарни возила, со 24 пожарникари. За релативно кратко време благодарение на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола иако имавме висока температура во самиот објект, вели командирот на противпожарната бригада, Ѕвонко Томовски.

Интервенираше и Итната медицинска помош. На две жени им била укажа помош на терен, а две средновечни жени од соседната зграда се хоспитализирани на Токсикологија поради поголема количина вдишан чад.

-Едната имала мали проблеми околу свеста, меѓутоа не изгубила свест. Донесени се двете тука. Моментално се се уште под опсервација. Добри се првите анализи, се надеваме дека по неколкучасовна опсервација ќе можат да ја напуштат клиниката, вели директорот на Клиниката за Токсикологија, Нико Беќаровски.

До пред 10-тина дена градежни работници интензивно работеле на Универзалната сала. За среќа денеска имало само тројца работници и поради тоа нема жртви или повредени. Полицијата ги привела тројцата градежни работници на распит, што е редовна процедура во обид да ги откријат причините за пожарот.

Причините ќе бидат познати дури по завршување на увидот и истрагата. Меѓутоа, изведувачот вели, цела среќа било што стара инфраструкра била извадена надвор, па горела само конструкцијата. Тој се сомнева дека причината за пожарот е стара инсталација.

-Од нигде-никаде во прв момент, претпоставуваме дека е стар кабел, дали... не можеме да знаеме. Тргнал димот, никој немало во салата, моите мајстори пробале со противпожарен апарат да изгасат. Тоа се иверици, стари со години, суви и брзо горат. Како што гледате за пола саат самата таа се изгаси зошто нема што да гори во неа, вели Лазар Арсоски, изведувач.

Интервенцијата на скопските пожарникари ја следеа претставници и на локалната и на извршната власт. Министерката за култура вели, пред да се продолжи со реконструкција на објектот ќе биде направена проценка на штетата.

-Објектот е осигуран. Што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата што е направена, а потоа ќе се продолжи со градба, вели министерката за култура. 

Ниту пожар во симболот на Скопје не можеше да помине без партиски препукувања и обивинувања.

Град Скопје во објавата која прво се најде на Фејсбук, па потоа беше и избришана, вина виде кај сите, освен кај себе.

-Речиси две години во Советот на Град Скопје се водеа расправи кој да ја реконструира Универзалната сала, за конечно ингеренциите да се префрлат на Министерстрвото за култура. Уште тогаш Советниците на Левица алармираа дека според досегашното искуство, оваа власт не е неспособна за таков зафат како реконструкција на еден од симболите на Градот. На крајот Советниците на СДС и ДУИ успеаја да ги „убедат“ и советниците од ДПМНЕ да ја гласаат оваа одлука, а епилогот од оваа сложна коалиција го видовме денес, велат од Градот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека Универзална цели седум години е оставен на забот на времето.

-Штетата која СДС ја направи на Универзалната сала е непроценлива. Ковачевски и Стојчевска по промената на власта ќе одговараат за нивниот однос кон симболот на Скопје, вели Митева.

Во пресрет на летото, пожарот во Универзална беше повод скопските пожарникарите да побараат нови вработувања, бидејќи, како што велат, во моментот им недостасуваат уште двојно повеќе пожарникари.

Даниел Василев

09.04.2024 - 18:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега