„Велт“: Бугарија тајно ја снабдувала Украина со муниција и дизел

 

 

Од почетокот на рускиот напад на Украина, Бугарија тајно го снабдува Киев со оружје и дизел преку неофицијални канали и преку приватни компании и посредници, независно противењето на Владата во Софија, пишува германскиот весник „Велт“.

Според тврдењата на весникот, поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, минатата година водел тајна операција за снабдување на Украина „зад грбот“ на неговите социјалистички коалициски партнери, кои биле против воената помош за Украина.

„Проценуваме дека во раните фази на војната, околу една третина од муницијата потребна на украинската армија доаѓаше од Бугарија“, вели Петков, истакнувајќи дека приватната бугарска воена индустрија „произведува со полна пареа“.

Асен Василев, поранешен министер за финансии на Бугарија образован на Харвард како и Петков, тврди дека Бугарија станала еден од најголемите извозници на дизел во Украина и оти на моменти покривала 40 отсто од потребите на Украина.

Муницијата и дизелот не оделе директно во Украина, туку преку компании посредници од Бугарија и од странство, а биле транспортирани по воздушен и копнен пат преку Романија, Унгарија и Полска. За испораките бугарска муниција вредна околу две милијарди евра платиле САД и Велика Британија.

Петков и Василев, наводно, одиграле важна улога кога станува збор за воведувањето санкции на ЕУ и промовирале бескомпромисен однос кон Русија.

До крајот на минатата година Бугарија беше стопроцентно зависна од руските испораки и затоа не учествуваше во нафтено ембарго на ЕУ, а на 27 април минатата година „Газпром“ ги откажа испораката на гас за Бугарија како прва земја во ЕУ.

Според „Велт“, премиерот Петков го решил проблемот во рок од 24 часа и организирал два танкери со течен гас од САД – по иста цена за кубен метар колку што наплаќал и „Газпром“.

18.01.2023 - 22:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега