Величковски: Банката не смее да наплатува за затворање платежна сметка, дебитни и кредитни картички

 

Банката не смее да наплаќа надоместоци за затворање на платежната сметка, ниту, пак, надоместоци за затворање дебитни или кредитни картички, доколку рамковниот договор којшто го има граѓанинот со банката е постар од шест месеци. Банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот, или, пак, доколку во договорот е предвиден отказен рок, најдоцна во рок од 30 дена, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за Македонското радио.

Величковски посочува дека доколку банката им наплати на граѓаните надоместок за затворање на платежната сметка или доколку некоја ставка од тарифниците на банката ги наведе граѓаните на мислење дека им е наплатено за затворање сметка, тие треба да реагираат до банката, бидејќи тоа е без надоместок, исто како и затворањето дебитна или кредитна картичка. „Граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, а потоа и поплака до Народната банка, којашто ќе ја разгледа поплаката и ќе контактира со банката, а потоа соодветно ќе го извести граѓанинот дали приговорот којшто го поднесол е соодветен и ако е, ќе ѝ даде насоки на банката да постапи според приговорот“, посочува директорот.

Величковски понатаму наведува дека со Законот за платежни услуги и платни системи се воведува уште едно системско решение коешто е во прилог на заштитата на правата на потрошувачите, а тоа е концептот на неактивна сметка. „Сите ние отвораме сметки кај банките за различни потреби и по некое време, може да заборавиме дека ја поседуваме таа сметка на која можеби останале парични средства. За првпат, со новата правна рамка се уредува дека доколку граѓаните не ја користеле платежната сметка подолго од две години, или, пак, не оствариле комуникација со давателот на платежните услуги во врска со таа сметка во овој период, банката ќе ја прогласи сметката за неактивна. Доколку станува збор за штедење, бидејќи вообичаено депозитните сметки се на подолг рок, доколку граѓанинот не остварил комуникација со банката во период од 10 години, и таа сметка ќе добие статус на неактивна сметка. Кога банката ќе ја прогласи сметката за неактивна, таа не смее понатаму да наплатува никакви надоместоци од таа сметка, односно паричните средства се заштитени, а банката е должна да пресметува камата на позитивното салдо во согласност со договорот“, истакнува Величковски.

30.10.2023 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега