Украина доби 200 оклопни транспортери од Канада
Канада денеска објави дека на Украина ќе и донира 200 оклопни транспортери. Одлуката ја соопшти канадската министерка за одбрана, Анита Ананд за време на нејзината денешна посета на Киев.
„Среќна сум што можам да го потврдам новиот пакет воена помош за Украина“, рече Ананд во друштво на нејзиниот украински колега Олексеј Резников.
„Тоа се најсовремени возила, опремени со најдобра технологија. На нив може да се монтира и оружје и тие овозможуваат безбеден транспорт на персонал и опрема“, рече Ананд.
Канадската донација од 200 оклопни транспортери ја поздрави и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Нашите пријатели продолжуваат да не поддржуваат дури и на овој тежок ден за Украина. Му благодариме на канадскиот премиер Џастин Трудо за новиот пакет воена помош, кој го најави Анита Ананд во Киев. Денес на украинската армија и се потребни 200 оклопни транспортери повеќе од кога било. Заедно посегнуваме по победата!“, објави Зеленски на Твитер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа