Тренирал бокс двапати неделно: Францускиот претседател наиде на потсмев откако облече боксерски ракавици

Фотографот на претседателот на Франција, Макрон, вчера објави две црно-бели фотографии на Инстаграм, на кои се гледа Макрон со боксерски ракавици и боксерска вреќа пред себе, пренесува Фигаро.

Весникот наведува дека некои корисници на социјалните мрежи го обвиниле фотографот дека прибегнал кон монтажа за фотографијата да биде повпечатлива, а некои го споредиле Макрон со Роки Билбоа.

Други корисници на социјалните мрежи истакнаа дека фотографиите биле објавени набргу откако Макрон изјави дека не може да се исклучи можноста за испраќање на западни трупи во Украина и се пошегуваа дека на фотографиите се гледа како Макрон се подготвува да се соочи со рускиот претседател Владимир Путин, кој често покажува спортски дух на фотографиите.

Женскиот магазин „Фем Актуел“ напиша дека „сопругот на Брижит Макрон“ има „одлучен поглед, како да сака да се бори со противникот“.

Пратеничката на Зелените Сандрон Русо ги критикуваше фотографиите кои ги окарактеризира како „беда на политиката, пораз на прогресивизмот и сиромаштија на политичката комуникација“.

Ерик Ансо, професор по историја на Универзитетот во Лорен, на мрежата Икс напиша дека фотографиите се „дел од неопопулистичката машкост што денес ја фаворизираат одредени лидери, почнувајќи од мајсторот на жанрот Владимир Путин“.

Сопругата на Макрон, Брижит, минатата година изјави дека тој редовно тренира бокс два пати неделно.

На 8 јануари, Макрон се фотографираше со боксерски ракавици на рамо, во кратко видео на својот профил на Икс, 200 дена пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, наведе Фигаро.

21.03.2024 - 09:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега