Тренчевска: Ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за пензиите ќе го дестабилизира пензискиот систем


ВМРО-ДПМНЕ да не користи популизам кога е во прашање зголемувањето на пензиите, бидејќи нивното ветување ќе го дестабилизира пензискиот систем, порача денеска дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска прашана за коментир на најавата на ВМРО-ДПМНЕ, за линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари.

Кога се формираше Владата предводена од СДСМ во 2017 година, наследивме дефицит во системот на пензиско, тоа што државата преку централниот буџет го дава во Фондот за пензиско, беше 48 проценти.

Во 2024 година, со домаќинско работење, тој дефицит е намален на 32,5 проценти. Ова говори за стабилност на Фондот, со тенденција тој дефицит да оди многу подолу.

Со линеарното зголемување од по пет илјади денари што го најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, според проценките што ги направивме со Фондот претходно, дефицитот за една година ќе се качи на 52 процента.

Тоа би значело нестабилност на Фондот и со тек на време, да биде доведена во прашање навремената исплата на пензиите, подвлече дополнителната заменичка во МТСП.

Таа рече дека не треба да се користат вакви, како што нагласи, популистички мерки, што би довеле до дестабилизација, па дури и уништување на системот на пензиско.

 Затоа што не може Фондот за пензиско да генерира толку многу приход, дури и преку намалување на сивата економија, како што најавуваат.

Состојбата на пазарот на труд ја знаеме, нема доволно работници за да се вклучат во пазарот на труд, за да може да се зголеми приходот во Фондот.

Но, колку и да се зголеми, дефицитот сепак ќе оди многу нагоре, предупреди таа.

29.03.2024 - 14:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега