Тошковски и Салиу влегоа во вербален конфликт: „Лажете господине Фуркан“
„Лажете господине Фуркан“, му рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на новинарот Фуркан Салиу кој негираше дека имал физички контакт со полицијата пред да биде приведен на фудбалски натпревар.
Тошковски рече дека се снимени приведувањето на Салиу, како и дејствијата кој ги презел претходно. Според него, Салиу присуствувал на натпревар од висок ризик, а на снимките може да се види дека имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.
Од друга страна, Фуркан Салиу тврди дека бил уапсен затоа што снимал како полицијата тепа недолжно момче на натпреварот, а тој како новинар присуствувал таму оти знаел дека ќе има нереди.
– Дали имавте физички контакт со полициските службеници пред да ве приведат?, го праша Тошковски, Салиу.
– Во ниту еден момент, одговори новинарот.
-Лажете, господине Фуркан, му возврати министерот одговарајќи на новинарски прашања.
Салиу тврди и дека поседува дозвола за пиштолот кој бил пронајден расклопен во неговиот автомобил, па го праша Тошковски како без негово присуство бил направен претрес во возилото.
Тошковски потенцира дека се работи за преглед на возилото, и дека внатрешна контрола ќе ги испита сите дејствија и на полициските службеници. Тошковски вели и дека точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспартира оружје. Според него, станува збор за прекршок во однос на начинот на поседувањето на пиштолот, а многу е важно тој да се чува дома, а не во возилото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа