Судијата кој пресуди 2 години затвор за смртта на Теодора сам си преправал оцени на универзитет?
Остри реакции и гнев предизвика пресудата која вчера ја донесе Судот во Тетово, за случајот со 22-годишната Теодора Ристевска која беше прегазена и усмртена во септември 2022 од страна на Менсур Пајазити.
Судијата Ељведин Ферати на вчерашното рочиште донесе одлука обвинетиот Менсур Пајазити, да добие двегодишна казна за смртта на младата Теодора.
Сомнежи за Ферати кој ја донесе одлуката следуваат по веста во јавноста дека додека бил дел од Универзитетот во Тетово, наводно си ги поправал оцените со пречкртување.
Минатата година во септември беше отворена и предистрага откако Државниот просветен инспекторат утврди дека си ги поправил оценките по право на Тетовскиот државен универзитет, со пречкртување. Предистрагата ја води Скопското јавно обвинителство.
- „ОЈО Скопје постапува по доставено известување од Државниот просветен инспекторат и презема дејствија во предистражна постапка со цел да ги испита сите околности“, рече тогаш Обвинителството.
Случајот го откри Антикорупциската комисија лани во декември, во рамки на големата ревизија.
Во септември во 2022 година, 22-годишната Теодора беше прегазена во Тетово од БМВ кое го управувал 44-годишниот Пајазити. Тетовскиот суд во ноември во 2023 година, пресуди три и пол години затвор за возачот. Тој ја обжали казната, Вишото јавно обвинителство во Гостивар ја прифати жалбата, а Апелациониот суд во Гостивар ја намали казната на Пајазити на две години затвор.
Пајазити е обвинет за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од ставот 4 за кој е предвидена затвор од една до пет години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа