Средба на претседателот на Собранието Гаши сo претставници на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, остварил средба со претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски, со заменик претседателот Лимко Бејзаорски и со Флора Кадриу.
- Од година во година се зголемува свесноста на граѓаните за постоењето на оваа институција, за што говори и зголемениот број претставки од различни сфери од секојдневниот и политичкиот живот. Комисијата е надлежна да ги разгледа истите и да даде свое мислење по нив. Оваа Комисија работи на принципите на еднаквост, неселективност и непристапност, сѐ со цел владеење на правото и рамноправност на сите граѓани. Нејзините мислења имаат не само заштитна, туку и превентивна улога. Идејата е не само да постапува по претставки, туку од тие претставки да се детектираат системските проблеми кои би можеле да се решат, стои во денешното соопштение од собраниската прес-служба.
Самата Комисија, се додава, се формира во Собранието, па оттука треба да произлезе и поголема соработка и логистичка поддршка.
- Во таа насока, претседателот Гаши понуди отворена врата за соработка, за советодавни препораки за измени и дополнувања на закони. По конструктивниот разговор, даде идеја да се организираат јавни расправи по различни предлог-закони на кои ќе се слушнат мислењата на Комисијата, во присуство на претставници на министерствата, експерти и медиуми. Присутните се согласија дека може да се потпише и меморандум за соработка, сѐ со цел еднаквиот третман на граѓаните да биде на највисоко ниво, се подвлекува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа