Средба Мицкоски - Бас: Потребни се промени кои ќе влеат надеж во институциите
На маргините на НАТО Самитот во Вашингтон претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски оствари повеќе билатерални средби и разговори.
Мицкоски се сретна со потсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент Џон Бас. Соговорниците разговараа за стратешките интереси на државата, за македонските напори кои се насочени кон исполнување на истите, како и за интеграцијата и напредокот на регионот.
Премиерот Мицкоски подвлече дека борбата против организираниот криминал и корупција како и владеењето на правото се приоритети на новата Влада.
„Премногу долго корупцијата навлегуваше во секоја пора на институциите и го оневозможуваше напредокот. Тоа се менува преку системска активност која подразбира непристрасност во спроведувањето на законите и поддршка на професионалците кои се задолжени за спроведување на законите. Потребни се промени кои ќе влеат надеж во институциите“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека иднината на регионот е во тесна соработка на државите, и насоченост кон работите кои не обединуваат како и создавање на иднина која ќе донесе просперитет на сите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа