Спас за филозофијата: Претседателката ќе ги анализира забелешките на професорите

 


Професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет - Скопје ѝ го презентираа на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова мислењето за нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиското образование.

На средбата, професорите изразија категорично противење на бришењето на предметот Филозофија од корпусот на задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите Логика и Етика од категоријата изборни предмети од наставниот план.

За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки што е противречно на прокламираните цели на  концепцијата: развивање на критичко размислување, истражувачките способности и вештини за решавање проблеми; поттикнување на самодоверба; свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки; градење национален, етички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство и подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот.

Ваквата промена за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици.

Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе.

Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија.

31.01.2025 - 20:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега