Сиљановска повикува на традиционални посети на Треблинка во чест на македонските Евреи

 

„Сигурно самиот ден е ден кој означува ослободување, не само на тие повеќе од 7.000 затвореници, туку и ослободување на човештвото“, истакна синоќа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, говорејќи за значењето на денешното одбележување на 80 години од ослободувањето на Аушвиц.

Таа потенцира дека свесноста за злото е клучна за да се спречат трагедии од вакви размери. Кога луѓето се свесни за злото, секогаш велат: ‘Никогаш повеќе!‘“

Сиљановска Давкова, која присуствува на комеморацијата на покана на Европскиот еврејски конгрес, посочи дека бројот на ослободени затвореници од Аушвиц, кој според различни извори се движи меѓу 7.100 и 7.600, е мал во споредба со вкупните жртви на Холокаустот – шест милиони, од кои повеќе од еден милион и двесте илјади во самиот Аушвиц. Но важна е нивната приказна и порака.

Таа истакна дека кога ќе се најдеме соочени со она што го сториле луѓе, ќе станеме свесни за ужасите на кои е способно човештвото. - Она што мене ме загрижува е како дошло до тоа, како е можно да се случи такво нешто, нешто што се нарекува холокауст или како што Евреите сами го нарекуваат – катастрофа. Тоа не е само човечка катастрофа, тоа е катастрофа на човештвото, катастрофа на добрината, катастрофа на моралот, катастрофа на етиката, победа на злото. Се надевам дека извлековме некои поуки 80 години потоа, и дека искажаното „Никогаш повеќе“ ќе биде навистина -  никогаш повеќе.

Претседателката се осврна и на трагичната судбина на македонските Евреи, кои завршиле во логорот Треблинка. - Она што шокира е фактот дека само неколку месеци по депортацијата, логорот во Треблинка бил затворен. Можете да замислите што се случило со нашите 7.144 сограѓани, истакна Сиљановска Давкова.

Таа додаде дека македонските Евреи се дел од нашиот идентитет и апелираше да се воспостави традиција на организирани посети на Треблинка. 

- Таа почит треба да стане дел од нешто што ќе го практикуваме, ќе потсетуваме,  велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи повторно, туку треба да кажеме дека додека сме живи и оние по нас никој никогаш не смее да дозволи да се случи такво нешто.

Македонската претседателка оцени дека запознавањето со Холокаустот мора да биде дел од образованието и општествената свест.

- Не смее да има дете, млад човек или возрасен кој не знае што е Холокауст. Меморијата мора да се негува, бидејќи ако не се храни, може да ја снема или да се извитопери, потенцира шефицата на македонската држава.

Таа предупреди на опасноста од релативизирање на злото. - Сé почнува со проблематизирање на бројките, на процесите, на настаните, и на крајот некој можеби ќе помисли дека може да се избрише злото. Не, ниту едно зло не треба да се заборави“.

Сиљановска Давкова порача и дека светот мора да се соочи со сите зла што се случувале, бидејќи „злото не се случува само со чинење, туку и со нереагирање или релативизирање“.

Таа заклучи дека присуството на одбележувањето во Аушвиц претставува можност за колективна епифанија. - Таму сите стануваме свесни дека злото е заедничко и добрината е наспроти него, рече таа истакнувајќи дека имаме заедничка одговорност да не дозволиме повторување на вакви злодела, да санкционираме и да освестуваме за нив.

Инаку, церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич и се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.

Но, никој од овие политичари, дипломати, монарси нема ни да се приближи до микрофонот. Тие ќе бидат таму единствено за да слушаат. Годинава говорницата е резервирана само за оние кои ги преживеале ужасите на кампот.

Покрај преживеаните, единствени други обраќања ќе имаат претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау. 

Зборовите на преживеаните се очекува да ги слушнат илјадници луѓе кои ќе бидат присутни на комеморацијата, а милиони преку извештаите на стотици акредитирани новинари од целиот свет. Загреан шатор е поставен за учесниците околу злогласната порта на Аушвиц-Биркенау во близина на градот Освиечим/Освиенцим (германски - Аушвиц) во јужна Полска, а на која стои натписот „Arbeit macht frei“ (Работата ослободува). 

27.01.2025 - 08:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега