Вечерва пристигнуваат првите 8 евакуирани македонски државјани од Израел
Вечерва во Скопје треба да пристигнат првите македонски државјани евакуирани од Израел, откако побараа итна помош од Владата поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Осум државјани – четири возрасни лица, три деца и едно бебе – беа евакуирани преку Египет, од каде со владиниот авион се транспортираат кон Македонија. Според најавите, летот од Каиро полетал околу 18:40 часот, а слетувањето на Меѓународниот аеродром Скопје се очекува во секој момент.
Министерството за надворешни работи информира дека по почетокот на конфликтот меѓу Израел и Иран пред пет дена, вкупно 28 македонски државјани побарале евакуација. Сепак, само осуммина од нив денеска одлучиле да се вратат во татковината. Останатите засега остануваат во Израел, додека ја следат ситуацијата и чекаат евентуално воспоставување на редовен воздушен сообраќај.
Од МНР потврдуваат дека се подготвени за нови евакуации доколку е потребно, особено имајќи ги предвид вечерните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп и можноста за натамошна ескалација на состојбата.
Македонската амбасада во Тел Авив засега останува на безбедна локација и не се планира евакуација на дипломатскиот персонал. Нема информации за евентуални барања за евакуација од македонски државјани кои се наоѓаат во Иран.
Ситуацијата се следи внимателно, а институциите остануваат во координација за безбедноста на македонските граѓани во регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа