Сиљановска Давкова: На отповиканите амбасадори им истече мандатот

 

Објавените укази во Службен весник, а донесени од претседателката Гордана Сиљановска Давкова се дел од стандардната законска процедура со која се констатира завршувањето на мандатот по навршени 4 години од упатувањето согласно член 44 од Законот за Надворешни работи, соопшти претседателскиот Кабинет, во врска со указите за отповикување на седум амбасадори.

-По објавувањето на указите, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги известува амбасадорите за објавениот указ и се започнува постапка за нивно враќање во земјата, велат оттаму.

Како што може да се види од објавените укази, станува збор за повлекување на амбасадорите на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, на Данчо Марковски од Албанија, на Фатон Бејта од Данска, на Сали Лимани од Казахстан и од Катар на амбасадорот Шабан Јашари. 

Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.

Согласно указите, мандатот на Талески во Постојаната делегација на Република Северна Македонија при НАТО, со седиште во Брисел престанува заклучно со 14 јануари, 2025 година, а на останатите амбасадори заклучно со 30 ноември, годинава. 

Указите стапуваат во сила со нивното објавување во Службен весник, а ќе ги изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија. 

Пред малку на прес-конференција, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски рече дека на седумте отповикани амбасадори им завршува мандатот и оти станува збор за редовна процедура при завршување мандат на амбасадори, согласно Законот за надворешни работи. Информира и дека во моментов тече процес на консултации помеѓу претседателката, премиерот и него, и оти наскоро очекува да почне со процес на именување на нови амбасадори.

12.11.2024 - 18:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега