Се подготвува нова потрошувачка кошница: Дурмиши ветува реални социјални и економски мерки
Во завршна фаза е изработка на официјална потрошувачка кошница за четиричлено семејство, со цел да се дефинираат реални социјални и економски мерки без простор за манипулции, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Кои производи ќе ги содржи таа и нејзиниот износ ќе биде соопштено откако ќе се формира Економско-социјалниот совет (ЕСС).
На прес-конференција за отчет за работата во изминатата година, Дурмиши посочи дека кошницата ќе биде „реална, многу добро изготвена и со податоци од релевантни институции“ затоа што таа што ја предложиле синдикатите, рече, содржи производи кои не спаѓаат во основни или кои не се трошат во одредени периоди од годината.
-Таа што ја објавуваат синдикатите не е реална и соодветна кошница и бројките не се точни и затоа правиме нова, со реални податоци колку му треба на четиричлено семејство да троши на месец за храна, пијалаци и други потреби, рече Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање. Додаде дека синдикатите земаат цени само еден од маркет, а кошницата што се подготвува ќе ги земе предвид цените од три до пет маркети и ќе биде земена просечната.
Новата кошничка ќе биде доставена на првата седница на ЕСС, со која претседава тој, и разгледана од работодавачите, синдикатите и Владата односно, рече, дали е прифатлива за сите социјални партнери.
За намалување на ценовниот шок, рече министерот, се преземаат мерки кои треба да дадат долгорочни или среднорочни резултати. Една од нив е во соработка со МЗШВ - поддршка на земјоделците и домашните производители што ќе придонесе за намалување на цените на основните прехранбени и земјоделски производи зашто повеќе од 70 проценти сега доаѓаат од увоз.
-Затоа треба да ги поддржуваме со што директно ќе влијаеме на намалување на цените. Ќе дадеме предлог и маркетите да ги обележуваат производите што се домашни, додаде министерот Дурмиши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа