Ристески: Мерката за ограничување на маржите веќе дава резултати, граѓаните заштедуваат и до 1.360 денари месечно

 

Два дена од стапувањето во сила на мерката со која на 73 неопходни производи од т.н. „Есенска потрошувачка кошница“ им се ограничи бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата веќе дава резултати, истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на овие производи се намалиле во просек од 5% до 10%, каде намалувањето кај истите е со различен обем, рече Ристески.

Ристески нагласи дека најголеми намалувања на цените има кај производи како меленото кафе 200 грама од 25.6 проценти, мајонез во тегла 660 гр. од 24.4 проценти, дел од пекарските производи (ѓеврек) 13 проценти, јогурт од кравјо млеко 12.5 проценти...

„Помеѓу 5 и 10 проценти намалување на цените е регистрирано кај поголем број на производи, како што се пакуваниот замрзнат зеленчук мешавина (пченка, грашок и морков) од 9,6 %, негазиран кашест овошен сок за 8,9 %, замрзната риба Ослиќ од 8,7 %, маргарин за 7,8 %, пилешка посебна салама 7,7 %, кравји и мешан кашкавал за 7,3 %, свински колбаси за 7 %, оризот за 6,5 %, урдата за 6,4 %...

Ова значи дека на месечно ниво едно четворочлено семејство би заштедиле од 689 до 1360 денари, а бидејќи ова се податоци за трговијата на мало, со пресметките на заштедите на големо кои би се изработиле во наредниот период, заштедите би била поголеми“, посочи Ристески.

Ристески потенцираше дека инспекциските служби се на терен, ја контролираат состојбата и досега се изречени 8 казни во висина од речиси 20 илјади евра на трговците поради непочитувањето на владината мерка.

Дополнително, со стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики, каде се ограничуваат надоместоците (за складирање, реклама, маркетинг и персонал) и рабат најмногу до 10%, очекувам дополнително намалување на цените на дел од прехранбените и земјоделските производи, рече Ристески.

26.09.2024 - 21:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега