Првпат во историјата: Кисела Вода организираше бесплатна заедничка полуматурска прослава
Во спортската сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ синоќа се одржа првата бесплатна, заедничка полуматурска прослава за сите ученици од деветто одделение во Општина Кисела Вода. Настанот беше дел од проектот „Мисија Полуматура“, по иницијатива и организација на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и општината, што претставува нов пристап во одбележувањето на еден од најзначајните моменти за секој деветоодделенец.
Во фантастична атмосфера исполнета со многу смеа, радост и возбуда кај полуматурантите, настапуваа DJ Napster, дуото Два Бона и бендот Хепи Енд, На сцената настапија и самите полуматуранти, кои добија простор да го покажат својот талент. Пред салата беше поставена и фото кабина и “дрво за пораки”, каде беа овековечени стотици насмевки и среќни спомени кои ќе ги следат полуматурантите во нивниот понатамошен живот.
Ова беше одлична завршница на проектот „Мисија Полуматура“ кој се одвиваше во изминатиот период. Процесот на планирање и осмислување на содржините ко креираа полуматураните, а како дел од проектот, беше реализирана и специјална едукативно-креативна телевизиска емисија во соработка со Продукција “Стробери”.
– Јас, и како градоначалник и како човек, верувам дека секое дете, без разлика од која средина доаѓа, заслужува еднаква можност за радост, за убави спомени, за достоинствено одбележување на важните животни моменти. И токму затоа, вечерва – сите деветтоодделенци се еднакви. Без разлики, без поделеност. Оваа иницијатива не произлезе од некаков формален план или стратегија – произлезе од срце. Од вистинска потреба да покажеме дека можеме поинаку. Дека можеме да изградиме општина која навистина ги слуша младите – но уште поважно – општина која реагира и реализира. Ни беше важно не само да организираме прослава, туку да создадеме простор во кој вие, младите, ќе бидете активни креатори. И вие тоа го направивте!
Ги осмислувавте идеите, ги снимивте видеата, ги напишавте пораките. Бевте дел од секоја фаза на реализацијата и покажавте колку може да се постигне кога младите добиваат доверба и поддршка. Во рамки на проектот „Мисија Полуматура“, за првпат организиравме и телевизиски едукативно-креативен формат, во соработка со Продукција “Строубери”. Така, цела Македонија има можност да види што значи вистинска младинска енергија, тимска работа и креативност на дело.
Драги наши полуматуранти, нека ви е честита полуматурата! Вие сте генерацијата што ќе ги носи промените. Генерацијата што ќе ја гради подобрата Кисела Вода, подобрата Македонија. И затоа нашата обврска е да ви дадеме еднаков старт, поддршка и можност за развој. Продолжете да сонувате големо, да се стремите високо и никогаш да не заборавите дека Општина Кисела Вода е ваш дом – место каде секогаш ќе имате поддршка-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето кусо обраќање пред полуматурантите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа