Позната состојбата на Панчо ДНК: Денови и недели подоцна болката и тагата не поминуваат
Букинг-агенцијата "Sure Shotz Entertainment", зад која стои Владимир Блажев-Панчо од ДНК кој го преживеа хоророт во дискотеката Пулс во Кочани, каде за жал починаа 61 лице, меѓу кои и неговите пријатели и соработници, собраа сила и се огласија по големата трагедија која ја зави цела Македонија, Балканот но и светот во црно.
- Денови и недели подоцна, сѐ уште не можеме да се помириме со тоа што се случи во Кочани.
Болката и тагата се постојано присутни, а секој кажан збор е излишен за оваа трагедија која не шокираше сите до еден и го донесе најтешкиот период за нас, во овие 20 години постоење на фамилијата Sure Shotz.
Нашите срца се со семејствата и најблисĸите на оние ĸои прерано не напуштија. Нема зборови ĸои би можеле да им ја олеснат болĸата, но во нашите срца и мисли стоиме поĸрај нив, ја споделуваме нивната тага и им ја испраќаме сета сила на светот.
Исто таĸа, на сите повредени им посаĸуваме брзо и успешно заĸрепнување - се надеваме деĸа сеĸој нов ден ќе носи напредоĸ и сила за продолжување на борбата. Како екипа, достапни сме да направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме, иаĸо знаеме деĸа ниту еден гест, ниту една помош не може целосно да ги залечи раните што ги остави оваа трагедија.
Со голема тага, сакаме да се опростиме и дадеме збор-два за нашите блиски другари и соработници, кои ни значеа премногу…
Буцо, нашето најзлатно дете, нашето братче од Sure Shotz кој постојано беше тука, со и за нас, секој четврток на Spicy или на сите патувања низ Македонија. Момчето коe никогаш не бараше ништо, а безрезервно даваше на сите, постојано насмеан и позитивен. Безброј заеднички моменти, саати и денови поминати заедно во дружба, со смеење до солзи или јадење додека не се прејадеме… Засекогаш ќе ни фалиш Буцика!
Андреј, голем човек со уште поголемо срце. Беше со нас од самите почетоци, како другар, соработник и голем фан на музика (одлепуваше на Guru/Gangstarr). Ти благодариме за секој еден другарски момент, даден совет и искрен муабет уз чашка ракија или пиво. Вечно ќе ги пуштаме и пееме твоите рефрени!
Сара, Филип, Цеа, Џоле, Игорче, Ефремов; ни беше драго што ве познававме и што имавме чест да соработуваме и да се дружиме преку тоа што не поврзуваше - ДНК како бенд и музиката како наша најголема љубов. Ќе ги паметиме сите заеднички настапи и дружби во бекстејџ… Вечна ви слава и почивајте во мир!
За крај, ви се заблагодаруваме на сите кои се интересирате за Панчо, тој е во стабилна состојба и веруваме дека ќе напредува со својата рехабилитација. Патот е долг, но ние сме со тебе стари, како до сега така и во иднина!
Ива, мило ни е дека се опоравуваш и те чекаме да ни се вратиш дома!
Во моментов, како екипа паузираме со нашите забави и диџеј сетови во догледно време. Целата наша енергија ја насочуваме кон поддршка на сите засегнати од оваа трагедија, на сеќавање и почит кон оние што не се повеќе со нас.
Ви благодариме за љубовта и безрезервната поддршка во овие тешки моменти, стои во постот на Фејсбук.
По големата трагедија беше прогласена седумдневна жалост во земјава. Има 61 жртва, и околу 200 повредени кои се лекуваат во земјава и странство.
08.04.2025 - 08:31
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа