Полскиот премиер: Ќе испратиме тенкови „Леопард 2“ во Украина, Германците се неважни

 

Германското одобрение за тенковите „Леопард 2“ не е примарно, па дури и без тоа одобрение, Полска би можела да и’ ги достави на Украина како дел од коалицијата на земји, изјави полскиот премиер, Матеуш Моравјецки.

Соединетите држави и нивните сојузници минатата недела не успеаја да го убедат Берлин да дозволи испраќање на тенковите „Леопард 2“ до линијата на фронтот, а тешките тенкови Украина ги смета за клучни за успехот во борбата против руските сили. Полска е првиот поборник за испорака на „леопардите“ и ги повикува земјите што ги имаат овие германски тенкови да ги испратат во Украина дури и без одобрение од Берлин.

„Ќе ја побараме таа дозвола, но тоа е помалку важно. Дури и ако не добиеме дозвола (…) ние сепак ќе ги доставиме нашите тенкови во Украина заедно со другите земји“, изјави премиерот Моравјецки за новинарите.

„Притисокот има смисла затоа што во текот на викендот германскиот министер за надворешни работи даде малку поинаква порака што дава одредена надеж дека Германија не само што нема да го блокира (испраќањето на тенкови), туку на крајот ќе испорача тешка опрема, модерна опрема за да и помогне на Украина“, рече Моравјецки.

Во неделата, шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок рече дека Германија нема да застане на патот на Полска да ги испрати своите тенкови „Леопард 2“ во Украина.

Германската влада е под зголемен притисок да ги испрати тешките тенкови во Украина кои би можеле да влијаат на рамнотежата на силите на линијата на фронтот.

На состанокот во петокот во американската воена база во Рамштајн, Германија, западните сојузници на Украина ја одложија одлуката за ова прашање, што го налути Киев, кој ја критикуваше нивната „неодлучност“. Од почетокот на војната, германската влада постојано изразуваше претпазливост за испраќање сè понапредни системи за оружје во Киев, но на крајот тие сепак ги доставија.

Владини извори во Германија минатата недела изјавија дека ќе дадат зелено светло за тенковите Леопард доколку САД се согласат да испратат тенкови Абрамс во Украина.

Но, САД јасно ставија до знаење дека нема да го испратат Абрамс во блиска иднина и тврдат дека тоа би било логистички кошмар за украинските сили поради горивото и одржувањето потребно за тие тенкови.

Германскиот тенк Леопард се смета за идеален бидејќи е во сопственост на многу земји, како Полска и Финска, што значи дека тие би можеле да го поделат товарот за опремување на Украина. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Германија е еден од сојузниците што дава најголема поддршка на Украина.

23.01.2023 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега