Мицкоски од Белград: Македонија е водечки извозник на вино во регионот
„Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака. Виното, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ. Тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства“, изјави премиерот.
Во својот говор истакна дека се гордее што во Белград, може да бидат претставени достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот.
„Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино“, изјави премиерот.
Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител, додаде Мицкоски во своето обраќање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа