Почина Исмаил Кадаре, истакнат албански писател и почесен граѓанин на Тетово

 

На 88-годишна возраст почина најистакнатиот современ албански писател Исмаил Кандаре. 

Болницата во Тирана соопшти дека срцев удар е причината за смртта на писателот кој, меѓу другото, ќе остане запаметен по тоа што му се спротивстави на режимот на Енвер Хоџа.

Тој беше пренесен во болница „без витални знаци“, лекарите се обидоа да го оживеат, но почина околу 8:40 часот по локално време, соопшти болницата.

Роден е во Ѓирокастро на 28 јануари 1936 година.

Кадаре ја започнува својата литературна кариера како поет во 1950-тите години. Во шеесеттите, тој ја пренасочува својата креативна енергија кон прозата и многу скоро станува нејзин неоспорен мајстор и најпопуларен албански писател. Во 1992, е награден со Prix mondial Cino Del Duca, а во 2005 ја освојува првата награда на Man Booker International и неколкупати бил номиниран за Нобеловата награда.

Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Член е на француската академија, како и на уште неколку други значајни светски институции и асоцијации. Досега има објавено десетина книги поезија, раскази и романи и есеи, од кои најпознато дело му е романот „Генералот на мртвата војска“. Живееше во Париз.

Во ноември 2022 година во Тетово на свечена академија, Исмаил Кадаре, беше прогласен за почесен граѓанин на градот, а признанието му го додели градоначалникот Билал Касами.

01.07.2024 - 11:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега