Пендаровски: Горди сме што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија.

„Почитувани сограѓани Албанци,

Денеска прославуваме особено значаен празник за албанскиот народ – 22 Ноември, Денот на албанската азбука. Пред 115 години, токму во нашата Битола, се случи унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор за кодификацијата на албанскиот јазик, што е несомнено еден од најзначајните стожери на културниот и духовниот идентитет на Албанците.

На почетокот на 20 век во тогашната Отоманска Империја, највидните албански интелектуалци од целиот свет се собраа на конгрес којшто ќе резултира со историската одлука за усвојување на албанската азбука. Плодовите од овој круцијален политички и културен чин ги уживаат сите Албанци каде и да се. Ние сме горди што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија.

Испраќајќи најискрени желби празникот да го поминете во мир, здравје, радост и благосостојба, посакувам уште еднаш да ги потврдиме заедничките уверувања за солидарност и за рамноправност, како клучни за просперитетот на нашата заедничка татковина“, се наведува во честитката на Пендаровски.

22.11.2023 - 09:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега