Падна одлука: Нови 100 милиони евра поволни кредити од ЕИБ
Европската инвестициска банка во земјава има финансирано проекти во износ од 1,16 милијарди евра. Тоа се проекти кои се од клучно значење за РС Македонија во јавниот сектор, но значајна е поддршката и во приватниот сектор, а таквата поддршка се очекува да продолжи и во иднина. Ова беше констатирано на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик-претседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова.
„Владата на РС Македонија е посветена на постигнување забрзан економски раст, подобрување на инфраструктурата, заштита на животната средина, како и енергетска транзиција и производство на чиста зелена енергија. Тоа се областите во кои клучна е поддршката од нашите партнери, Европската инвестициска банка, која има пласирано 635 милиони евра евтини кредити кон малите и средни компании, за поддршка на инвестиции и обртни средства, 277 милиони евра во проекти од секторот транспорт за подобрување на безбедноста на патиштата и скратување на времето на патување, 178 милиони евра се во водоводна инфраструктура, за подобар пристап до вода за пиење и санитарни услуги на граѓаните, како и 64 милиони евра во енергетски проекти“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека ЕИБ во моментов учествува во имплементација на проекти од јавниот сектор со 230 милиони евра, во кои е вклучено и денешното потпишување на Договорот за проектот за пречистителна станица во Скопје.
Значителна и многу значајна, рече министерот, е поддршката за малите и средни претпријатија што оваа Банка ја има дадено и дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина. Се очекува, рече министерот, нова транша од 100 милиони евра од ЕИБ евтини кредити за малите и средни претпријатија, како и за зелена транзиција.
Меѓу проектите во кои ЕИБ учествува во финансиската конструкција и кои се реализираат во земјава се изградбата на интерконекторот со Грција, изградбата на железничкиот Коридор 8, делница Крива Паланка – граница со Бугарија, проект за општинска водна инфраструктура, а интерес има изразено за реализација на проектот за изградба на западниот дел од железничкиот Коридор 8 делница Кичево-граница со Албанија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа