Падна цената на нафтата

 


Цените на нафтата паднаа под 65 долари на меѓународните пазари во понеделникот, како одраз на стравувањата на инвеститорите дека најавената зголемена понуда може да се совпадне со намалената побарувачка под притисок на најавените бариери за светската трговија.

На лондонскиот пазар со барелот нафта доцна попладнето се тргуваше по пониска цена од 1,17 долари отколку на затворањето на трговијата на крајот од минатата седмица, кога изнесуваше 64,41 долари. Во петокот го затвори тргувањето со загуба од 4,56 долари.

И на американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по пониска цена од 1,17 долари, по 60,82 долари. Во петокот го затвори тргувањето со загуба од 4,96 долари.

Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека во петокот цената на барелот референтна нафтена кошница на нејзините членки паднала за 4,5 долари, на 70,85 долари.

На крајот од минатата седмица, пазарите беа потресени од реакцијата на Кина на новите американски царини. Пекинг објави реципрочни царини за увоз на американски производи од 34 отсто и планира да го забрани извозот на технолошки минерали во САД.

„Агресивниот одговор на Кина на американските царини речиси сигурно потврдува дека се приближуваме до глобална трговска војна во која нема да има победници“, со штетни последици за глобалниот економски раст и побарувачката за клучните суровини, како што се нафтата и нафтените деривати, објаснува Оле Хансен од „Saxo Bank“.

Почетокот на новата седмица беше одбележан со вакви мрачни прогнози на голем број банки на Волстрит.

Така, „Goldman Sachs“ во понеделникот прогнозираше дека шансите за рецесија во САД во следните 12 месеци сега се 45 отсто и ги намалија проценките за цената на нафтата. „JPMorgan“ минатата седмица пресмета дека шансите за рецесија во САД и во светот како целина сега се 60 проценти. „Citi“ и „Morgan Stanley“ ги намалија прогнозите за цената на нафтата во Лондон.

Трговците беа затекнати со одлуката на водечките производители значително да ја зголемат понудата.

Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман одлучија да ја зголемат понудата за 411.000 барели дневно во мај, што одговара на износот планиран за тримесечниот период, објави во четвртокот OPEC.

Одлуката се заснова на оценка за „постојана солидна врска понуда-побарувачка и позитивна перспектива на пазарот“, додаваат тие.

Така, Саудиска Арабија отстапи од политиката што се залага за контрола на производството за поддршка на цените. На Ријад му треба цена на барел од околу 90 долари за да обезбеди здрави јавни финансии, забележува Reuters.

Во неделата, Саудиска Арабија, исто така, објави дека ќе наплаќа значително пониски цени на нафтата на клиентите во Азија во мај.

Државната компанија „Saudi Aramco“ ја намали официјалната цена на барелот за азиските купувачи за 2,3 долари, најмногу за околу две години, цитира Reuters саудиските документи.

07.04.2025 - 21:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега