Матурантите в петок ќе танцуваат квадрил и салса
Околу 1.300 матуранти по осми пат в петок на градскиот плоштад „Македонија“ ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.
Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и T-Mobile. Помагатели се компаниите Горска и Секуриком. Медиумски покровител е Македонското радио-Радио Скопје, кое ќе го преземе радио сигналот од Словенија.
Даниела Захариева, раководител на Секторот за образование на Град Скопје на денешната прес-конференција истакна дека „Матурската парада“ е невообичаен начин за прославување на матурирањето.
- Матурантите се обединуваат преку танцот и музиката и се поврзуваат со голем број нивни врсници од повеќе градови од Македонија и Европа. Успеваат забележително да испратат и прогресивни пораки, како што е пораката за ненасилство, рече Захариева.м
Најави дека под покровителство на Град Скопје и градоначалникот Трајановски, на почетокот на јуни ќе се одржи манифестацијата „Средба меѓу првиот и најдобрите“. Се работи за средба меѓу градоначалникот Трајановски и најдобрите матуранти, прогласените првенци во генерација од 21 средно училиште во Скопје. Матурантите ќе бидат наградени со парични и со други награди.
Тодор Миладинов од „Ритам Плус“ посочи дека кај матурантите има заинтересираност и оти брзо го научиле средновековниот танц квадрил, кој трае 6 минути и 17 секунди.
Предвидено е „Матурската парада“ да ја отворат скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Собирањето и подготовките ќе почне в петок во 9 часот. Од 10:30 до 11 часот матурантите ќе дефилираат од градскиот плоштад „Македонија“, по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј Ин“, покрај улицата „Филип Втори Македонски“ до Собранието на Република Македонија и ќе влезат на плоштадот преку портата „Македонија“. Ќе имаат генерална проба и потоа ќе почне официјалниот дел од програмата.
Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство.
Годинава девојките ќе носат розови маички, а момчињата црни со натписот „Матурска парада 2014“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа