„Европскиот идентитет и иднината на Балканот“ во организација на амбасадите на Франција и Австрија
„Европскиот идентитет и иднината на Балканот“ е насловот на меѓународната конференција што ќе се одржи денеска во Скопје во организација на амбасадите на Франција и на Австрија во Република Македонија во соработка со Европското движење на Македонија (ЕДМ).
Француската амбасадорка Лоренс Оер најавувајќи ја конференцијата истакна дека целта е да се отвори дебата за евроинтеграциите на Македонија и оти врува дека Франција и Австрија со заедничка работа ќе може да бидат многу помоќна поддршка за земјата и нејзината интеграција во ЕУ.
Во однос на насловот на форумот, Оер вели прашањето за идентитетот е многу амбициозна тема, која трае во континуитет и која и во Франција се доживува како многу комплексна.
- Дали постои европски идентитет, дали постои балкански идентитет, како и идејата дека Европа му наметнува идентитет на Балканот. Тоа е голема но, многу интересна тема. Ја одбравме зашто е многу провокативна, и бидејќи ни се потребни размислувањата и ставовите на луѓето, на граѓаните за ова прашање. Идентитетот не е нешто што може да се наметне. Европа и европскиот идентитет го градиме заедно како рамноправни партнери. Европа не и се наметнува на Македонија, туку чека таа да и се придружи и стане нејзин партнер, вели Оер.
Посочувајќи на листата на учесници на конференциата, амбасадорката Оер подвлече дека станува збор за најголемите интелектуални умови во Европа, пред се експерти од областа на евроинтеграциите. Меѓу говорниците се Кристијан Лекен и Надеж Рагару од престижниот Институт за меѓународни односи ЦЕРИ-Сциенцес По од Париз, Хелмут Крамер од Институтот за политички науки во Виена, Штефан Лене поранешен советник на Хавиер Солана, кој доаѓа од „Карнеги“ - Европа од Брисел...
- Потребна ни е нова генерација на совесни луѓе во Франција и овде кои ќе говорат за тоа каква е динамиката на проширувањето, за самиот процес. Колку повеќе зборуваме за евроинтеграциите таа тема ќе биде поприсутна во реалноста. Не е доволна работата на ЕК и комесарот за проширување. Потребна ни е мрежа на луѓе во земјава кои ќе веруваат во проширувањето, вели француската амбасадорка.
Австрискиот амбасадор Томас Михаел Бајер, пак, посочи на насловите на излагањата кои ќе бидат презентирани на конференцијата, а кои очекува да побудат голем интерес, како што е помирувањето, бугарско-македонските односи и спорот за името со Грција.
Македонија ужива поддршка од Франција и од Австрија во однос на пристапувањето во ЕУ. Оер потсети дека минатата година во јули францускиот претседсател Франоса Оланд на конференцијата во Брдо кај Крањ ја реафирмира посветеноста на Париз за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Оваа година, најави таа, веќе е во подготовка нова конференција за Западен Балкан којашто ќе се одржи во јули, најверојатно во Дубровник. Се прават напори, рече, на форумот да присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел.
Конференцијата во Скопје ќе ја отворат генералниот секретар на Австриско-францускиот центар во Виена др. Петер Јанкович, заменик директорот во Дирекцијата за Континентална Европа при француското Министерство за надворешни работи и меѓународен развој Виолен Бијет Де Вилмер и Милева Ѓуровска претседател на ЕДМ. Предвидени се три панела: Европа и помирувањето, надминување на конфликти со помош на Европа и постои ли за Балканот друг идентитет освен европскиот. Завршните излагања ќе ги имаат амбасадорите на Франција и на Австрија, Оер и Бајер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа