Мицковски мавна по СДСМ: Заев е олигарх - Шеќеринска сноб кој пере пари преку кирии

 

Колумнистот и отворен поддржувач на политиките на опозицијата, Ивор Мицковски пишува делка во неделата делегатите ги легитимираа двајцата најголеми лузери и двете најголеми зла во историјата на СДСМ. Според Мицковски, Заев е политички лост на милионерскиот струмички клан од Муртино, додека Шекеринска е „снобот кој пере пари преку кирии“.

Аргументирајќи го своето мислење, Мицковски пишува дека СДСМ и порано имаше проблем со идеологијата, но денес оваа партија нема ништо со левицата и со социјалдемократијата.

-Зарем, Заев кој е само политички лост на милионерскиот струмички клан од Муртино, кој живее и опстојува благодарение на непотизам и тендери, кој нема три чисти со национална политика, ќе ја спаси Македонија од Груевски?! Или Шекеринска, снобот кој пере пари преку кирии, метеората која од политичар со европска димензија, се потврди како најголем уништувач и сплеткар на СДСМ, денес, само е рурална марионетка на Заев?! И толку е од СДСМ. Мислите дека некој друг во таа партија има право на збор и став?! Се обидоа со Пендаровски да глумат некаков си триумвират, кога видоа дека станува опасен го дистанцираа. Секаде наместија, од листи до кабинети, тотални анонимуси и климоглавци, луѓе кои ниту знаат, ниту можат да ги загрозат, пишува Мицковски.

Тој прашува „овие ли ќе гинат за опримираните, за маргиналците, за обесправените?!“, констатирајќи дека Заев го интересира како да ја комплетира својата метаморфоза во човек-партија, а Шекеринска како да не излета комплетно од шините.

-Имаат само една цел која нема никогаш да ја постигнат, или кој знае, а тоа е власт! Па, и градоначалник е власт, а видовме на што е подготвен Заев, за да ја задржи таа позиција. Нив двајца, ни историја, ни вредности, ни демократија не ги интересираат!, пишува Мицковски.

Тој пишува дека Заев и компанија се покажаа како крајно неспособни да артикулираат една рационална политичка алтернатива на тоа што веќе го прифаќаме како нормално и дадено, а тоа е бескрајното носење на одлуки кои го фаворизираат и го привилигираат тесното и олигархиско малцинство, наспроти обесправеното мнозинство.

-Зошто? Па, затоа што и самите се претставници на една тесна олигархија. Тие можат да се обидат со некаков популизам тоа навидум да го променат, но бидете убедени, не верувам дека знаат што е левичарски популизам, па така се наклонети само кон имитирање на десничарскиот. Гледано пак од нивните бизнис инклинации и неспособноста да се приближат со некаква алтернативна политика и приказна до општеството, Заев и Шекеринска се суштински „државо-центричен картел“, наместо да бидат сосема спротивното. Знаат дека повеќе моќ во партијата ќе имаат само доколку партијата се централизира, иако помалку апсурдно, денес во СДСМ се централизира, поточно увезува, само провинцијата, пишува Мицковски.

Покрај Мицковски, изминатиот период и други лица кои важат за блиски до најголемата опозициска партија отворено го нападнаа раководството на СДСМ по дебаклот на предвремените парламентарни избори.

-Во оној момент кога Заев не се стави на листите, тој прати политичка порака за тоа што очекува од овие избори. По малку некоректно, вие својата функција во Струмица , да ја правите цела партија заложник на таа функција. Бидејќи Заев два пати ја пушта низ вода својата партија. Лани кога ја уценува партијата да се оди на избори и да се прекине бојкотот и сега, смета новинарот Васко Ефтов.

Меѓу оние кои испратија жестоки критики кон раководството на СДСМ беше и Александар Чомовски, кој праша за каква храброст зборуваат во СДСМ ако не можат да се соочат со граѓаните и да влезат во избирачкото тело, да го мотивираат.

-Оваа дефиниција на системска кражба на гласови е континуитет на СДСМ и додека не излезат од таа матрица дека се некој друг им е виновен не можат да се свртат кон сопствените грешки, кон пронаоѓање на модел во кој ќе се справат со таканаречениот режим. Ако мислеа дека со раздвоена кампања што можеше да изгледа на прв поглед добра, ако мислеа дека само со понуда „граѓанинот пред се“ може да се освои избирачот, тогаш пораката им стигна, вели Чомовски.

Кон раководството на СДСМ изминатиов период “распалија“ и останати отворени поддржувачи на нивната политика, како Саше Ивановски-Политико и Сашо Орданоски, кој забележа дека СДСМ ја очекува судбината на грчки ПАСОК.

15.05.2014 - 13:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега