Велешани интензивно се подготвуваат за 51. Рацинови средби

Ова денеска го соопшти Катица Чадиева, одговорна за култура при општина Велес. Појасни дека на централната манифестација ќе и претходи процесија „100 свеќи за Рацин“, своевиден сценско-музички перформанс распореден на клучни локации – симболи за Велес и Рацин - Мало мовче, Саатот, спомениците на Рацин, муралот на Рацин...
- Сценариото за овој настан е на Васил Зафирчев, а во неговата реализација вклучени се многу уметници – актери, музичари, Градскиот црковен хор, Ансамблот „Керамичар“, кајакарите, учениците од Гимназија, група „Соната“ и уште многу други, информира Чадиева.
Централната манифестација ќе биде во знакот на хрватска поетска вечер и врачување на признанијата. Македонските поети ќе имаат две можности да и се претстават на јавноста. Младите поети на 13 јуни во периодот од 23 до 1 часот заедно со бендот на браќата Иванови од Велес ќе настапат во кафулињата, спроти споменикот на Рацин. Повозрасната поети на 14 јуни ќе засадат дрвца во паркот на Спомен-костурница, а потоа ќе се одржи поетско читање. Вовед во прославата е концертот на групата „Езерки“ и оркестарот „7/8“ на 12 јуни годинава.
Годинашен добитник на Почесното рациново признание за 2014 година е поетесата и издавач од Босна и Херцеговина – Тања Ступар Трифуновиќ.
- За наградата Рациновото признание за 2014 веќе има пристигнато 22 наслова од 12 издавачи. Жири-комисијата веќе работи на избор на најдобро дело, односно автор на кого ќе му го додели и годинашното Рациново признание за 2014, информира Чадиева.
14.05.2014 - 20:15
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа