Футсал: Македонија и се реваншираше во Хрватска
Македонската А футсал репрезентација оствари убедлива победа од 4:1 против Хрватска на гостински терен во Муртер.
Нашата селекција ја запиша првата победа по седум натпревари против хрватите. Левевски и Мицевски постигнаа по два гола за составот на Македонија. Хрватите го отворија резултатот со погодокот на Потега.
Домашниот тим играше без Јелавчич и Сутон, но тоа воопшто не ја намалува вредноста на нашиот триумф. Селекторот на Македонија, Васко Скендеровски им даде шанса за настап на сите играчи кои беа во составот.
-Потврдивме дека со храбра игра можеме да се надигруваме и со најсилните европски репрезентации. Играчите беа мотивирани да се борат за победа откако добрата игра не ја крунисавме со позитивен резултат на првиот натпревар. Се боревме и против традицијата, победата е прва за нас против седмиот најсилен европски состав по седум натпревари. Тоа посебно не радува и ни дава дополнителна мотивација за следните силни пресметки. Овој состав може да се бори за големи резултати, треба да веруваме во тоа и да им ја дадеме поддршката, вели Скендеровски.
На првиот натпревар во Муртер, Хрватска славеше со 4:3. Двете пресметки беа дел од подготовките на Македонија за квалификациите за Европското првенство во Србија.
ГОЛМАНИ: Мирослав Тодоровски (Железарец), Илчо Удовалиев (Железарец)
ОДБРАНА: Левески Зоран, Глигоров Александар, Агуси Ферид, Крстевски Иван (Железарец), Петровски Ненад (Скопје),Трајче Трајков (Велес), Златковски Кристијан (Биџо)
НАПАД: Оливер Јовановски,Тодоровски Мартин, Џо Арсовски (Железарец), Дарко Ранготов и Адријан Мицевски (Сквер, Хрватска), Леовски Игор (Железарец ) и Драган Петровиќ (Скопје)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа