Попоски: Грција постојано ги крши дадените ветувања за Македонија
Ветувањата дадени во Солун во случајот со Македонија во повеќе наврати беа прекршени од Атина. Сметам дека е исклучително важно оваа Солунска агенда да го задржи својот кредибилитет, да не биде само на зборови, туку и преточена во дела.
Ова за МИА го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој денеска во Даблин учествува на конференцијата „10 години по Солун: Oценка на ЕУ перспективата и предизвиците во Западен Балкан“, што се одржува во рамки на Ирското претседателство со ЕУ.
- Сметам дека најважно за одржувањето на кредибилитетот е одлуките да се носат во согласност со тоа што беше ветено во Солун и со принципите и критериумите кои беа уште претходно востановени во Копенхаген, истакна Попоски.
Денешнава конференција, како што рече министерот, се однесува на десетгодишнината од Солунската агенда во која се дадоа јасни гаранции дека за сите земји од Балканскиот полуостров европската иднина е гарантирана, дека треба да ги испорачаат резултатите кои се потребни за исполнување на критериумите.
Конференцијата има за цел да се одбележи 10-годишнината од донесувањето на Солунската агенда за процесот на проширување на ЕУ со земјите од Балканот, да се оцени постигнатиот напредок, тековните предизвици и перспективите за успешно заокружување на овој процес.
На форумот се очекува да бидат дискутирани промените во политиката на проширување на ЕУ, генерално и кон Балканот, пост-лисабонските предизвици, кризата на еврото, економската стабилизација, како и идните чекори во интеграцијата на земјите од Балканот во ЕУ. Министерот Попоски ќе има свое обраќање на сесијата посветена на иднината на проширувањето на Унијата со земјите од Балканот.
Домаќини на конференцијата се ирските министри за надворешни работи и за европски прашања Ејмон Гилмор и Лусинда Крејтон, а најавено е учество и на еврокомесарот Штефан Филе, шефовите на дипломатиите на Словачка и Хрватска, на генералниот секретар на Советот за регионална соработка.
ФОТО: Влада