Строе: Опозицијата да го заземеме своето место во Парламентот

Честитки за граѓаните кои учествуваа на изборите на 27 април, почит и честитки за победата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски на парламентарните избори и до претседателот Ѓорге Иванов за неговиот реизбор, како и порака до опозицијата да ги заземе освоените пратенички места и да почне со работа во новиот состав на Парламентот, упати денеска Јонут Строе потпретседател на Алијансата на либерали и демократи (АЛДЕ) во ПС на Советот на Европа и шеф на Романската делегација во оваа институција.

- Резултатите на овие избори доведоа до еден изненадувачки чекор од СДСМ. Ова го потврдува фактот дека изборите се тест за демократијата, за нејзините граѓани и за политичките натпреварувачи. Во оваа смисла парламентарните партии можеби повеќе од другите и како претставници на народот ја имаат одговорноста во изградбата на слободна и демократска држава. Затоа претставува обврска на сите партии вклучително и опозицијата да делуваат во рамките на мандатот што им е даден. Демократијата може навистина да функционира само ако државните институции функционираат, а опозицијата игра важна улога во балансирање на извршната власт особено кога станува збор за грешки, изјави за МИА Строе.

Смета дека најдобро решение е ако СДСМ ги заземе избраните пратенички места и започне со работа во новиот Парламент.

- Се надевам дека моменталните тензии ќе се решат. Ги повикувам политичките лидери во рамките на новата влада и опозицијата да бидат потполно свесни за нивната одговорност и заедно да создадат позитивна постизборна средина во која ќе се работи на реформите за спречување на демократските недостатоци и забрзување на евроатлантскиот интегративен процес што претставуваат чекори кон зајакнување на демократијата во оваа земја, истакна Строе.

Тој ја поздрави оценката на ОБСЕ/ОДИХР повторена и од претставниците на САД и ЕУ во однос на ефективното спроведување на неодамнешните избори. Еволуцијата на сегашната постизборна ситуација во Македонија, вели Строе, е важна за одржување на политичката стабилност на земјата од две гледни точки.

- Од една страна мирната транзиција на власта е суштински услов на демократијата. Победите и поразите се дел од демократијата, додека нејзината суштина е учеството. Затоа волјата на сите граѓани што го искористиле нивното право да гласаат треба да биде претставено во Парламентот, посочи Строе.

Од друга страна, додаде тој, забелешките за немање рамноправен натпревар на изборите може да се решат на заеднички начин. Партиите од власта и опозицијата, посочи, треба да работат заедно со цел преку реформи да се работи на техничките неправилности во изборниот процес.

Строе е пратеник од 2008 година и е член на највисокото раководство на Националната либерална партија во Романија. 

03.05.2014 - 13:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега