За Червар, Ангелов го решил мечот со Вардар!

 

Ракометарите на македонскиот првак Вардар остварија победа од 25:24 (15:14) во првото дерби од годинашниов шампионат на Македонија.

Ова беше натпревар од 1.коло од Супер лигата, но поради обврските на македонските екипи во Лигата на шампионите беше одложен за денеска.

Првиот дел помина изедначено, а Вардар, кој беше домаќин во СЦ „Борис Трајковски“, највисокото водство го имаше од два разлика (4:2), додека Металург водеше со 10:9. Резултатот во првото полувреме беше изедначен дури 11 пати, а голманите на двата тима имаа вкупно 4 одбрани (Вардар 3, Металург 1).

Стратегот на Металург, Лино Червар изјави дека поранешниот голман на екипата од Автокоманда, Петар Ангелов го решил натпреварот со извонредните одбрани на популарниот Диви во второто полувреме, посебно во периодот кога металурзите имаа и два играчи повеќе на теренот.

„Знаев дека не чека еден тежок меч, затоа што Вардар и Металург отсекогаш играле интересни натпревари кои сосема заслужено го носат епитетот на градско дерби. Морам да кажам дека сѐ уште ништо не е готово. Јас сум со нозете на земја. Морам да му честитам на противникот за денешната фер и коректна игра“, изјави Червар и притоа ја прокоментира играта на својот тим и интервенциите на противничкиот голман Ангелов, кои влијаеа на резултатот на средбата.

На почетокот на вториот дел „црвено-црните“ направија серија од 5:2 и за првпат водеа со четири голови разлика (20:16). При резултат 21:18 двете екипи цели седум минути не постигнаа гол, а Металург во еден период имаше и два играчи повеќе на теренот. Во завршницата Вардар имаше повторно 4 голови разлика (25:21), но Металург со серија од 3:0 и со гол на Ренато Вугринец во последните секунди стигна до минимален пораз.

Кај Вардар со 7 голови најефикасен беше Тимур Дибиров, а Алекс Душебаев постигна 5. Во редовите на Металург и на натпреварот најефикасен беше Ренато Вугринец со 10 голови, а Филип Миркуловски постигна 5. Голманите Петар Ангелов (Вардар) и Дарко Станиќ (Металург) имаа по 7 одбрани.

Следниот натпревар од домашното првенство двата тима ќе го играат на 8 мај (четврток) во салата „Автокоманда“ во Скопје.
Во овој момент табелата го има следниот изглед: Вардар 9 бодови (3 натпревари), Металург 9 (4), Зомимак 9 (5), Пелистер 6 (3), Пролет 3 (4), Металург Јуниор 0 (5). 

02.05.2014 - 20:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега