Љутков: Приватниот сектор ќе го спасува културното наследство

 


Никој досега или не сакал или немал капацитет да ја реализира идејата за јавно-приватно партнерство за заживување и заштита на културното наследство, што како модел постои во Законот за заштита на културно наследство уште во 2004, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков во Дневникот на ТВ Сител.

Појасни дека тоа, главно, се однесува на изградба на инфраструктура – патишта и осветлување, отворање сувенирници, кафетерии, книжарници односно придружни објекти кои ќе ги стопанисува приватниот сектор, но дека тој нема да влегува во зоните на заштитеното културно наследство и оти се ќе биде контролирано. 

-Тоа е придружна програма во која ќе ни помогне приватниот сектор за да може подобро да се презентира културното наследство. Нешто што беше укинато во последните седум години. Нашето културно наследство беше во темнина, со страшна вегетација, рече Љутков, набројувајќи локалитети што ги посетил кои се затворени и без пристап поради запуштеност и обраснатост со вегетација.

Посочи дека е важно што приватниот сектор влегува и со туроператорите кои, како што рече, ќе го презентираат нашето културно наследство „и тоа ќе влезе  во културни рути и мапи“.  

Бенефит од овој модел, нагласи Љутков, ќе има државата. Посочи дека законот  е стар 20 години и се потребни измени за да го олеснат процесот и дека затоа сегментот туризам станал дел од Министерството. 

Како што рече, „друга тема е давање под концесија на културното наследство што треба да биде чекор понатаму“, по примерот на многу европски земји како го чуваат културното наследство.

Опозициските партии, рече, го обвиниле дека „ќе прави бизнис и ќе го продава културното наследство“ за нешто што веќе постои во закон. СДСМ и Левица, рече, прават спинови дека тој ќе профитирал.

-Не, тоа го правеа тие претходно затоа што нашето културно наследство е останато во мрак. Како ќе го презентирате ако е неисчистено и ако не е заштитено, додаде министерот за култура и туризам. 

22.04.2025 - 21:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега