Во петок почнува битката за титулата меѓу Вардар и Металург
Во петок ќе се случи првото големо дерби меѓу македонските ракометни гиганти Вардар и Металург, во рамки на ракометната Супер лига.
Домаќини условно кажано во салата СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде Вардар, а почетокот на мечот е во 17:30 минути.
- Оваа титула е најважна, бидејќи носи пласман во Лигата на шампионите. Очекувам тесен резултат. За разлика од претходните дуели во СЕХА лигата и Лигата на шампионите, ова е нешто друго. Ние за разлика од тие дуели имаме нов тренер, но имаме и повредени играчи, како Растворцев, Стојанче Стоилов, Петриќ, додека на ситни повреди по дуелот со Фленсбург се жалат Козлина, Карачиќ и Чипурин. Од друга страна Металург е квалитетен состав, екипа која две сезони игра во ТОП 8 во Лигата на шампионите предводени од добар тренер, изјави на денешната прес-конференција капитенот на Вардар, Филип Лазаров.
Сезонава големите ривали одиграа четири натпревари - по два во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Металург има две победи, Вардар еднаш триумфирал, а еден натпревар заврши нерешено.
Ова ќе биде натпревар од 1.коло од ракометната Супер лига, додека дуелот од 6.коло ќе се одигра на 8 мај (четврток) во салата во Автокоманда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа