Вработените во ХРТ добија забрана за користење Фејсбук
Директорот на Хрватската радио телевизија, Горан Радман, чија оставка изминатите денови ја бараат новинарските здруженија и Етичкиот комитет, утврди нови правила на однесување на вработените, според кои новинарите нема да можат да бидат активни на Фејсбук.
Тие исто така нема да смеат јавно да истапуваат на социјалните мрежи, а посебно во јавност нема да смеат да ги напаѓаат своите колеги.
- Сите одредби на овој член, кој се однесува на истапувањето во јавност, се однесуваат и на истапувањето на социјалните мрежи. Никому не му е дозволено да ги користи социјалните мрежи или блогови за изразување на лични мислења и ставови, кои би и штетеле на ХРТ или би го предизвикале прашањето за нивната независност или непристрасност, се наведува во Етичкиот кодекс за новинари и креативен персонал на ХРТ.
Секој вработен мора да води сметка за објективноста, непристрасноста и транспарентноста. Секоја ситуација, која во работата на вработените би можела да се сфати како судир на интереси (судир меѓу приватниот интерес и интерсот на ХРТ, односно јавниот интерес) задолжително е да се избегне и да се пријави на меродавните служби без одложување.