Кадри од ЕЛЕМ ќе се усовршуваат во Словенија

АД ЕЛЕМ ќе обучува кадри од областа на рударството и техничките науки со методи за јамска експлоатација на јагленот во Словенија. Меморандумот за соработка во областа на образованието и обука на стручен кадар го потпишаа генералникот директор на АД „Електрани на Македонија“, Дејан Бошковски и претседателот на УО на рудникот „Премоговник Велење“, Милан Медведев.

- Со овој познат  капацитет имаме одлични односи, и досега сме соработувале успешно во неколку проекти. Сметам дека нашите рударски инженери ќе имаат одлична можност, тука во Велење да ги научат најсовремените техники за подземна експлоатација на јагленот, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, по потпишување на Меморандумот за соработка.

Според управата на словенечкиот рудник за јаглен, македонскиот пазар е интересен затоа што забрзано се инвестира во нова технологија за експлоатација на јагленот, кој според Медвед, ќе биде еден од клучните енергенси во идните децении.

АД ЕЛЕМ и словенечкиот рудник „Премоговник Велење“ веќе воспоставија соработка за време на изведбата на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Мариово во 2009  година. Изработен е и техноекономски Елаборат врз основа на изработени и ревидирани елаборати од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Мариово. Изготвен е и главен рударски проект за отворање, разработка и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето Мариово со јамска експлоатација.

Во текот на 2012 година, како што соопшти ЕЛЕМ, беше вклучен стручен проектантски тим во време на изведба на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Живојно. По изработката и ревидирањето на елаборатите од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Живојно, подготвен е техноекономски елаборат за јагленот од Живојно.

Делегацијата на АД ЕЛЕМ  предводена од генералниот директор Дејан Бошковски која при работната посета во Словенија ја придружуваше и деканот на Факултетот за природни и технички науки Зоран Панов при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип,  ги посети јамите на рудникот Велење и непосредно се запозна со начинот на експлоатација на јагленот од овој капацитет.

најчитано сега